Избори 2024

Ванковска: Се борам за индивидуална позиција, а не изборни пазарења

19.04.2024 15:06

Невообичаена е пораката за обединување која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја испрати на првиот ден од кампањата за парламентарните избори, вели Ванковска...

Изненадувачка и невообичаена е пораката за обединување која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја испрати на првиот ден од кампањата за парламентарните избори, и тоа само кон две партии, меѓу кои и Левица, вели кандидатот за претседател Билјана Ванковска. Како претендент за шеф на државата вели дека се бори за индивидуална позиција, а не за изборни пазарења.

Двоцифрен број пратеници за спротивставување на промена на Уставот

Договорена е промена на Уставот во првите 100 дена, без оглед кој ќе биде на власт. Затоа е битно Левица да влезе во Парламентот со двоцифрен број пратеници, за да се спротивстави на таа најава, порача од Велес лидерот Димитар Апасиев. Не направија полупротекторат, заробена држава, ова е последниот момент кога можеме геополитички да се престроиме, вели носителот во првата Изборна единица кој иднината на Македонија ја гледа во т.н. Глобален југ, поранешните „неврзани“ преку кои можеме да си го вратиме името.

Пониски даноци за сиромашните

Носителот на листата во ИЕ 3, Борислав Крмов кажа дека доколку ја добијат довербата од граѓаните ќе ги оданочат богатите и ќе ги намалат даноците за сиромашните.

Левица побара поддршка за нивниот претседателски кандидат. Ванковска вели дека е единствен кандидат кој не е носител на ниту една политичка функција, а има единствена цел да ги подобри состојбите во државата.

 

Викторија Милевска