Украина

Во САД нов обид за одобрување пакет помош за Украина

20.04.2024 12:34

Американскиот претставнички дом треба да гласа за пакет помош за Украина, за Израел и за сојузниците на САД. Украинскиот претседател Зеленски ги засили повиците за итна воена помош за земјата. Столтенберг порача дека НАТО останува силен сојузник на Украина. На фронтот жестоки битки.

Нов обид на американскиот Претставнички дом за гласање пакет помош за Украина, Израел и за другите сојузници на САД во вредност од над 96 милијарди долари. Иако тврдокорните десничари повторно најавуваат отпор, претседателот Мајк Џонсон е убеден дека законот овојпат ќе го добие потребното мнозинство гласови. Белата куќа го поздрави напредокот во разговорите за одобрување на пакетот помош за сојузниците.

„Претседателот Бајден силно го поддржува овој пакет за зајакнување на Израел и Украина, а да не зборуваме за хуманитарната помош на палестинскиот народ, Хаити, Судан. Тој верува дека ќе се изнајде начин да се завршат работите, бидејќи не се работи само за Украина, Израел или Индо-пацификот, туку и за нашата национална безбедност“, изјави Катрин Жан Пјер – портпарол на Белата куќа.

Додека се чека круцијалното гласање во Американскиот конгрес, украинскиот претседател Зеленски ги засили повиците за итна воена помош за земјата. Истакна дека членките на НАТО мора да решат дали тие се навистина сојузници на Украина.

„Апсурдно е што партнерите се плашат од својата сила. Колку повеќе оружје со долг дострел имаат украинските војници, толку сме поблиску до мирот. На фронтот навистина ни се потребни ракети и артилерија со долг дострел“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Генералниот секретар Столтенбег порача дека НАТО останува силен сојузник на Украина и оти алијансата ќе испорача противвоздушни системи во земјата.

„НАТО ги провери постојните капацитети во алијансата и има системи кои можат да бидат испратени во Украина. Според тоа, очекувам наскоро нови најави за противвоздушни одбранбени системи“, рече Јенс Столтенберг.

На фронтот се водат жестоки борби. Руските сили извршија ракетни напади врз индустриската зона во Запорожје на југот на Украина и пристаништето во Одеса, соопштија украинските власти. Украинските сили, пак, со беспилотни летала ја нападнале руската погранична област Белгород, при што загинале две лица, објавија руски медиуми.

 

Маја Стојанова