Експерти и амбасадори бараат поголема промоција на културното наследство за развој на туризмот
Културното наследство е македонски бренд и чувар на нашиот идентитет, но во истовреме е капитал за економски развој. Ова е ставот на експертите и дипломатите, кои сметаат дека треба што повеќе тоа да се промовира во светот. Според нив грешат сите оние кои сметаат дека туризмот му наштетува на културното наследство, напротив тие се на иста страна, бидејќи бројните посети ќе нè принудат многу подобро да го заштитуваме …

Промовирајќи го културното наследство преку туризмот ние создаваме бренд по кој сме препознатливи во светот. Луѓето што доаѓаат за туризам или за научни истражувања во нашата земја бараат уникатни места, места каде што можат заеднички да сонуваат, а нив во Охрид и земјава ги има во изобилство. Поради тоа тој капитал треба да биде алатка преку која можеме да стигнеме до големи економски придобивки, но и да го зацврстиме нашиот идентитет.
„Идентитетот значи препознатливост и признавање во светски рамки и привлечност, значи доаѓаат заради него туристите. Ако тој идентитет, бренд, наследство го чуваме по сите светски стандарди, тогаш одиме напред“, изјави проф. д-р Сашо Коруноски од Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Сличен став како научната јавност имаат и дипломатите кои сметаат дека како држава сме должни да го споделиме со светот нашето културно наследство.
„Македонија е светски бренд во културното наследство. Нашите потенцијали се неограничени и ние навистина така треба себе си да се презентираме, бидејќи можеме да се носиме со најголемите светски центри во културното наследство“, изјави Љубен Тевдоски, амбасадор.
„Охрид е еден од центрите на светската цивилизација. Не само на Македонија и Балканската историја и ќе придонесе за предизвикот, интересот за Охрид да се побуди по сите меридијани“, изјави Јордан Плевнеш амбасадор.
Охрид е и центар на светскиот хуманизам, чиј основач е Свети Климент Охридски, вели амбасадорот Плевнеш, што е причина повеќе туристите да доаѓаат за да го видат овој наш културен и духовен бисер.
Сашо Нелоски
