Давкова: Време е за единство

12.05.2024 14:17

Од собраниската говорница Сиљановска- Давкова порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани и дека нема да прави разлика. Во нејзиниот говор посебно им се обрати на жените...

Гордана Сиљановска-Давкова го започна својот мандат како шеф на државата и прва жена-претседателка на Македонија. Од собраниската говорница порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани и дека нема да прави разлика. Нагласи дека е време за единство.

„Ќе го почитувам овој парламентот, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите, ќе бидам претседателка и на левата и десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив по етничка, верска, полова ни по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку и најголема обврска и одговорност“, истакна Сиљановска-Давкова на инаугурацијата.

Во нејзиниот говор посебно им се обрати на жените, нагласувајќи дека тие можат да ја развиваат политиката како уметност на невозможното, а не само на возможното.

„Јас ќе го пробивам патот на жените, но јас секаде гледам умни и посветени жени кои ги носам не само во умот туку и во срцето. Ние жените можеме да ја развиваме политиката како уметност на невозможното, а не само на возможното. Довербата е многу важна и јас ќе ја оправдам. И не заради одговорност кон партија туку дека сум опкружена со многу прекрасни жени. Но ние имаме обврска да им помогнеме и на мажите и да го следиме ритамот на природата. Би сакала да направиме чекор напред во застапеноста на жените во Собранието во идниот состав. Не случајно зборовите држава, Македонија се во женски род. Помогнете им пратеници витези на жените да го изразат тоа што досега не можеле да го направат“, рече Сиљановска-Давкова.

Му се заблагодари на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски затоа што, како што рече дека само тој верувал дека таа ќе стане шеф на државата.

Сиљановска-Давкова вети дека ќе се грижи подеднакво за сите граѓани. Во продолжение погледнете го нејзиниот говор: