Поблиску до службите на МВР преку мобилната полициска станица

26.06.2014 15:20

Локалните власти очекуваат со ова да се избегнат инцидентите како тепачките во градските автобуси...

Жителите од руралните средини веќе немора да го трошат времето и да  одат во најблиските полициски станици за да завршат работа. Стартуваа мобилните полициски станици.

„Оваа работа е одлична, мислам дека и порано требаше да се случи... Си има надлежен орган, кај што треба таму ќе се пожалиш“, велат жителите на Стајковци.

Мотопатролите  имаат водич на безбедносен реон и двајца службеници. На терен ќе бидат четири пати во  месецот со утврдена агенда во договор со општините.

„Граѓаните ќе бидат запознаени и информирани во кој ден, во кој дел од денот, мобилната полициска станица ќе биде во нивното населено место, за да може да се обратат до полициските службеници, да побараат совет, да побараат помош, како и информација за сето она што им е потребно“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Локалните власти очекуваат со ова да се избегнат инцидентите како тепачките во градските автобуси.

„Ова е добро токму во таа насока. Доколку треба превентивно да се делува, мислам дека ќе влроди со плод“, рече градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Градоначалникот на Арачиново смета дека  жителите го прифаќаат проектот и се подготвени за соработка.

Населените места кои гравитираат околу Скопје од сега ќе бидат поблиску до службите на МВР. 

Стајковци, Горно Нерези, Батинци, Волково, Арачиново, Вртекица, ова се дел од стотината рурални места кои ќе бидат покриени од мобилна полициска станица.

 

Наташа Гркова-Петрушевска