БЛИСКИ ИСТОК

Од самитот на лидери на арапските држави, повици за формирање независна палестинска држава

30.05.2024 11:42

Израел соопшти дека презеле контрола на целата должина на границата на Газа со Египет. Од самитот на лидери на арапските држави што се одржува во Пекинг, египетскиот претседател, побара поголема меѓународна акција за да се запре офанзивата во Газа.

Меѓународната заедница повикува на прекин на огнот на Блискиот Исток додека израелската офанзива се интензивира. Од самитот на лидери на арапските држави што се одржува во Пекинг, египетскиот претседател, побара поголема меѓународна акција за да се запре офанзивата во Газа.

„Не постои друг начин да се постигне регионален и меѓународен мир и стабилност, освен со сеопфатно решение за корените на палестинското прашање преку вистинска и итна посветеност на решение за две држави и признавање на легитимното право на независна држава“, изјави Абдел-Фатах Ел-Сиси, претседател на Египет.

И кинескиот претседател, Си Џинпинг, ги повтори повиците за независна палестинска држава и вети поголема хуманитарна помош за луѓето во Газа. По Шпанија, Ирска и Норвешка, и Словенија се изјасни дека ќе ја признае и Словенија.

„Војната не треба да продолжи бесконечно. Правдата не треба да отсуствува вечно. Посветеноста на решението за две држави не треба да се поколеба. Кина цврсто го поддржува формирањето на независна држава. Го поддржува полноправното членство на Палестина во Обединетите Нации и поддржува поширока, авторитетна и ефективна меѓународна мировна конференција“, изјави Си Џингпинг, претседател на Кина.

Од Обединетите нации ја истакнаа важноста од хуманитарен прекин на огнот за достава на помош за цивилите и воедно ослободување на заложниците. Од Белата куќа, доза оптимизам. Велат дека се работи на нов предлог кој би можел да донесе примирје меѓу Израел и Хамас.

„Постои нов предлог на којшто се работи. И можам да ви кажам дека Израелците целосно го поддржуваат овој нов предлог, и како и досега беа подготвени да се справат со добра волја. Нема да навлегувам во детали“, изјави Џон Кирби, Совет за национална безбедност на Белата куќа.

Од Тел Авив соопштија дека ја презеле контролата на целата должина на границата на Газа со Египет. Израелските војници се стационирани во поголемиот дел од областа позната како Коридор „Филаделфија“.

„Во текот на изминатите денови, силите на Израелската одбрана постигнаа тактичка контрола над коридорот на границата меѓу Египет и Рафах. Нашите сили лоцираа во должина на коридорот десетици натоварени фрлачи подготвени да истрелаат ракети“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Поради воената акција во Газа, јеменските Хути нападнаа шест бродови во три мориња, во Црвено, Арапско и во Средоземно Море. Милитантната група тврди дека нивните напади се акти на солидарност со Палестинците.

 

Маријана Димовска