Македонија

Засилени инспекциски мерки и внимателност при избор на производите

30.05.2024 14:53

Релативно безбедна и квалитетна храна во земјава. Но покрај квалитетот и стандардите на производите многу важен е и начинот на чување на производите во маркетите и пазарите, особено во текот на летните месеци кога се случуваат труења поради консумација на расипана храна. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да бидат свесни и одговорни потрошувачи кога пазарат преку интернет, бидејќи зачестена е продажба на непроверени и небезбедни производи преку социјалните мрежи...

Во земјава има релативно квалитетна и безбедна храна. Експертите велат потребни се засилени инспекциски надзори на македонските граници при увозот, но и во фабриките за производство на храна во земјава. Постојат лаборатории, но потребно е зголемување на капацитетот, за да се утврди дали квалитетот содејствува со испишаните декларации на производот.

Но, покрај потеклото и стандардите на производот, многу е важен и начинот на чување на храната во маркетите и на пазарите, особено во текот на летните месеци кога се случуваат труења поради консумација на расипана храна.

„Има производи на кој што сметам дека нашата држава треба повеќе да обрне внимание во донос на квалитетот, а во однос на безбедноста еве во овој маркет ние сме блиску до фрижидерите и може да почувствуваме дека на соодветен начин се чуваат овие производи. Ако нашите граѓани забележат дека нешто не е во ред треба веднаш да алармираат“, изјави Војислав Димитровски, специјалист за безбедност на храна.

Се случувало Агенцијата за храна да открие млеко, месо, зеленчук, со несоодветен квалитет, што предизвикува штетни последици врз здравјето на луѓето. Граѓаните велат квалитетна е храната која локалните производители сами ја одгледуваат, она што се купува по пазарите е со сомнителен квалитет.

„Мислам дека е сомнителна веќе, нема продавници за здрава храна мислам на храна без пестициди и третирања и не знаеме што јадеме“.

„Само природна здрава храна ништо ГМО. Има ако сами си садите и тогаш тоа е тоа“.

„Ако дома си ја одгледувате домашно производство тогаш е квалитетна, а другото не знаеме што купуваме“.

„Не да не е квалитетна ама многу ги качија цените и народот не може да издржи“, велат граѓаните што ги анкетиравме.

Домашните производители сè уште произведуваат безбедна храна на традиционален начин, велат добрите познавачи.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да бидат свесни и одговорни потрошувачи кога пазарат преку интернет, бидејќи зачестена е продажба на непроверени и небезбедни производи преку социјалните мрежи, од страна на нерегистрирани, неодобрени оператори.

 

Соња Рилковска