Безбедност во сообраќајот

Шеесетина граѓани годишно го губат животот на македонските патишта

30.05.2024 15:04

Еден од најгорливите проблеми во земјава е сообраќајната култура. Надлежните со низа превенции, но никако да се смени менталитетот. Секојдневно се соочуваме со црни хроники за сообраќајни несреќи и жртви. Вклучен алармот. Републичкиот совет за безбедност на патиштата организира меѓународна конференција за безбедност на патиштата. Се споделуваат искуства…

Шеесетина македонски граѓани годишно го губат животот на македонските патишта. Неприспособена брзина е најчестата причина за сообраќајни несреќи. Годишно, полицијата пишува околу 250 илјади казни, а тоа покажува колку не се почитуваат сообраќајните правила. Во последниот период најмногу сообраќајните несреќи се забележуваат на автопатот Штип – Кочани и Штип – Радовиш.

„За да бидеме безбедни во сообраќајот мора да тргнеме од себе. Мора да кажеме дека јас од денес ги почитувам сообраќајните правила, ќе ставам појас, нема да ни биде изговор дека нè стега или дека морав да побрзам, една минута дали ќе стигнете порано нема да ви промени ништо. Но, може катастрофално да ве чини, може да загинете вие, може да убиете човек“, вели Тони Ангеловски – портпарол на МВР.

Од еден до пет – македонските патишта се оценети со тројка. Експертите предупредуваат – патната инфраструктура е во лоша состојба, потребно е да се подобри сигнализацијата.

„Еден процент од сообраќајните незгоди се смета дека отпаѓаат заради неквалитетната коловозна конструкција и останатите конструкции на патната мрежа“, изјави Јасмина Буневска Талевска – Технички факултет Битола.

„Мора да се подобрат сите патишта на коишто сега се бележат голем број на сообраќајни несреќи, да се подготват за новиот современ сообраќај затоа што нам ни недостига јавен превоз. Ако имаме јавен превоз ќе се намали интензитетот на сообраќај на главните делници. Скопје нема јавен превоз, железничкиот сообраќај не функционира“, вели Никола Дујовски – декан на Факултетот за безбедност.

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, најавува кампања во летниот период за безбедно возење по Коридорот 10 која ќе се спроведува со соседна Србија.

„Во тек е кампањата за пешаци за велосипедисти, за мопеди, тротинети. За кратко ќе имаме и летна кампања“, нагласи Гордана Кожуваровска – претседателка на РСБСП.

Македонија е домаќин на третата меѓународна конференција на која присуствуваат домашни и странски експерти и се споделуваат искуства за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Андријана Ѓурческа