Израел

За Нетанјаху предлогот за примирје е нецелосен

04.06.2024 08:32

Главен приоритет останува уништувањето на Хамас и враќањето на заложниците...

Израелскиот премиер Нетанјаху го оспори предлогот на Бајден за примирје во Газа велејќи дека е нецелосен. Главен приоритет останува уништувањето на Хамас и враќањето на заложниците.

„Поминавме долг пат за да ги вратиме заложниците, но во процесот на оваа акција ги задржавме целите на војната, главна меѓу нив е елиминација на Хамас. Затоа инсистирам и на двете. Тоа е дел од рамките на договорот, не е нешто што го додавам затоа што бев притиснат од коалицијата, туку тоа е нешто за што едногласно се договоривме во воениот кабинет“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

САД тврдат дека ништо не е изоставено во договорот, ниту пак дека целта им била да извршат притисок врз Нетанјаху и воениот кабинет. Бараат Хамас да го прифати предлогот.

„Тука не се работи за притисок врз премиерот или воениот кабинет, туку за откривање на јавноста да види колку Израелците одлучно решија да изнесат нов предлог којшто ја покажува нивната желба за договор. Бајден многупати зборуваше за правото и одговорноста на Израел да ја елиминира заканата што ја претставува Хамас“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Офанзивата во Газа продолжи. Тел Авив ја потврди смртта на уште 4 заложници. Гневот кај семејствата расте. Бараат итно прифаќање на договорот. Палестинските власти поднесоа барање до Меѓународниот суд на правдата да ѝ се придружи на Јужна Африка во нејзиниот случај против Израел за геноцид во Газа. Во истовреме Словенија го одложи признавањето на палестинската држава со предлог за референдум поднесен од опозицијата.