На Скопје му се случува урбанистички хаос
Се гради без план и без да се чуе гласот на стручната фела, реагираат архитектите, кои како што велат, ова Скопје не можат да го препознаат...

На Скопје му се случува урбанистички хаос. Се гради без план и без да се чуе гласот на стручната фела, реагираат архитектите, кои како што велат, ова Скопје не можат да го препознаат. Архитектот Мишко Ралев за МТВ вели дека политиката е навлезена во советите на општините, а урбанистичките планови се носат без да се почитува мислењето на граѓаните.
„Урбанистички хаос е ова сега“, рече Ралев.
Архитектите велат дека граѓаните не знаат што значи носење на урбанистички планови, и затоа без никакво образложение, преку ноќ, конкретно во строгиот центар, никнуваат „бетонски џиновски комплекси“.
„Не дека законот не се почитува, тоа во наводници се почитува, но добро се изигрува, и после е доцна. Ние сме немоќни нешто да направиме наспроти моќниците“, изјави Бато Радоњиќ – архитект.
Бетонизацијата на Скопје не запре со години. Бројни беа противењата и на жителите на од скопските населби, по носење на нови ДУП-ви годиниве наназад, како на пример за изградба на висококатници од над 33 метри, 17 згради кај кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“, како и никнувањето на 50 згради кај „Дексион“ во Ѓорче Петров.
Борис Грујоски
