Израел

Антивладини протести во Тел Авив, демонстрантите бараат нови избори

16.06.2024 11:21

Израелците синоќа одново излегоа на улиците на Тел Авив против премиерот Нетанјаху, побараа нови избори. Израелските вооружени сили најавија дека ќе преземаат дневни тактички паузи во нивните операции во јужниот дел на Газа за да овозможат испорака на поголема количина хуманитарна помош…

Илјадници Израелци синоќа одново излегоа на улиците на антивладини протести незадоволни од начинот на кој премиерот Нетанјаху се справува со војната против Хамас. Бараат нови избори и договор за ослободување на заложниците. Неделните демонстрации се одржаа неколку часа откако армијата објави дека осуммина војници загинале во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, и уште тројца во други области.

„Фактот што денеска загинаа осум војници само ја нагласува потребата од итна промена. Потребна ни е промена која ќе почне од владата па надолу за да се смени ситуацијата, да се ослободат заложниците што е можно поскоро“, порача еден од демонстрантите.

„Ова е ужасна ситуација во која се наоѓаме, и се надевам дека раководството, народот ќе определи каков ќе биде крајот“, рече друг.

„Протестираме против оваа влада за да донесеме нови избори затоа што не можеме повеќе да го издржиме тоа што владата им го прави на овие луѓе, на нашиот народ. Срамота е што сè уште има заложници во Појасот Газа, по осум месеци“, вели друг демонстрант.

За најсмртоносниот напад врз израелските сили во последните неколку месеци, од Тел Авив тврдат дека едно од инженерските возила во конвој експлодирало, најверојатно од импровизирани експлозивни направи закопани во областа или како резултат на истрелување на противтенковска ракета.

„Едно од инженерските возила во конвојот експлодираше, што најверојатно е предизвикано од импровизирани експлозивни направи закопани во областа. Внатре во оклопното возило беа осумте борци кои се убиени“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.

И додека се чека на прекин на огнот по планот на претседателот ан САД, Бајден кој воедно беше потврден со резолуција на ООН, израелската армија објави дека ќе ја олесни испораката на помош во Газа со секојдневно запирање на воените активности во јужните области на енклавата. Дневната тактичка пауза следи по алармирањето од меѓународните организации за растечка хуманитарна криза во Газа.

 

Маријана Димовска