Нема договор за водечките позиции во ЕУ
Лидерите на земјите-членки на Европската унија во Брисел на неформален самит не се договорија кои четворица ќе ги вршат клучните функции во Унијата. Будимпешта се противи Фон дер Лајен да раководи со Европската комисија. Нов состанок кон крајот на месецов...

Лидерите на земјите од Европската унија не постигнаа конечен договор за кандидатите за водечките позиции во блокот. Политичките партии ги изнесоа предлозите и врз основа на нив ќе се работи на постигнување договор. По синоќешната средба во Брисел, претседателот на Европскиот совет, Мишел изјави дека во целиот процес е важна транспарентноста и во нејзиното усвојување да бидат вклучени сите 27 земји членки на ЕУ.
„Многу е јасно дека во текот на јуни мора да донесеме две важни одлуки. Едната е во врска со институционалниот циклус врз основа на резултатите од изборите за Европскиот парламент, а втората важна одлука е за Стратешката агенда на која почнавме да работиме пред многу месеци“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот Совет.
Според поделбата на овластувањата на ЕУ, лидерите треба да го номинираат следниот претседател на комисијата, кој ќе биде одговорен за изготвување на политиката, од климата до заедничкиот буџет.
„Кога нема одлука во ЕУ, секогаш може да се оди во друга насока. Но, мислам дека нема да имаме реприза за 2019 година, кога имаше лотарија и се беше подготвено за три дена. Тоа не е случај овде“, изјави Марк Руте, премиер на Холандија.
За клучните позиции во игра се четири имиња. Урсула Фон дер Лајен, се надева на реизбор за шеф на Европската комисија. Поранешниот португалски премиер Антонио Коста претендира да стане претседател на Европскиот совет. Естонската премиерка Каја Калас очекува да биде нов шеф на европската дипломатија. Малтежанката Роберта Мекола би требало да остане претседавач на Европскиот парламент
„Сè уште сме во војна што се случува во Европа. Имаме многу предизвици пред нас, особено за миграцијата, климатските промени. Сè уште ни треба социјална, урамнотежена Европска унија и во иднина треба да имаме посилна Европа. Со сите овие предизвици и сите одлуки пред нас, мислам дека е важно да донесеме одлука што е можно побрзо и побрзо“, изјави Мете Фредериксен, премиер на Данска.
На европските избори од 6-ти до 9-ти јуни десницата им нанесе потешкотии на главните владејачки партии во Париз и Берлин. Франција распиша предвремени парламентарни избори, на 30-ти јуни и на 7-ти јули.
Маријана Димовска
