Куманово

Граѓаните бараат решение за кумановската депонија

19.06.2024 14:54

Се заканува ли епидемиолошка зараза во најголемата општина во земјава. Втор ден е блокирана кумановската депонија. Жителите на Пчиња и околните села не дозволуваат влез на камионите на комуналното претпријатие, бараат решение за депонијата...

Ќе се затрупа ли Куманово во смет?! Возилата на комуналното претпријатие втор ден не го изнесуваат сметот, бидејќи жителите на Пчиња и околните села го блокираа влезот на депонијата. Тие бараат решение на нивниот проблем и дислокација на истата.

Непријатна миризба, чад сè уште на депонијата Краста. Иако камион посипуваат земја за да го задушат пожарот.

Жителите стравуваат за сопственото здравје, бидејќи вдишуваат отрови. Укажуваат дека ќе продолжат со блокадите.

„Задушени сме од хемии неиздржливо е долу, не можеме да отвориме прозорци“, вели претседателот на месната заедница.

„Местото е контаминирано и земјоделското земјиште а сите здрава храна на пазарот носиме градинарски култури и тоа сите го јадеме“, дополнува друг жител.

Од јавното претпријатие одбиваат да се сретнат со жителите. Обвинуваат дека им е попречена работата за што пријавиле и бараат поддршка и од МВР.

„Блокирани ни се возилата 24 часа и ни оневозможуваат да го изнесеме сметот“, истакна директорот на ЈП Чистота и Зеленило, Куманово, Ненад Стојановски.

Од Чистота и Зеленило бараат и да се открие сторителот бидејќи сметаат дека пожарот е подметнат. Обвинуваат и дека има политичка цел.

 

Елена Георгиевска