Портокалова фаза

Пеколни температури до крајот на неделава

19.06.2024 14:48

Летото сè уште не е почнато, но во следниот период нè очекуваат пеколни температури. Земјава влезе во портокалова фаза, а со тоа стапија во сила и препораките за внимателност при движење. Полни раце работа има Итната медицинска помош…

Македонија влезе во портокалова фаза, пеколни температури до крајот на неделава. Вжештени и повиците и на Итната медицинска помош.

„Чести се симптомите на покачен крвен притисок, од утрово и на гадење и на повраќање, а овој период претпоставувам во прашање е и стомачен вирус“, вели Анита Димовска – лекар во Итната медицинска помош.

Владата со препорака, ослободување од работа на бремените жени и лицата над 60 години. Во градинките да нема физичка активност на отворено.

Лекарите со препорака до граѓаните, да консумираат повеќе течности, да јадат лесна храна, да носат светла облека, а хронично болните редовно да ја земаат терапијата.

Граѓаните ги почитуваат апелите.

„Излегуваме до претпладневните саати, а после пеколот го избегнуваме сите.“

„Пензионери сме, дома повеќе седиме.“

„Ги почитуваме мерките, внимаваме да не излегуваме во ударниот период“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Температурите ќе достигнат и над 40 степени.

„Високите температури ќе продолжат до крајот на оваа недела. Според сегашните анализи во недела во попладневните часови би требало да има локална појава на дожд, грмежи и засилен ветер“, вели Ивана Петровиќ-дежурен синоптичар во УХМР.

Според УХМР се очекува топло лето со натпросечни температури, особено во месец јули.

Ана Јосифоска-Тодоровска