Асанж ослободен од затвор откако постигна договор со властите на САД
По повеќе од пет години, Џулијан Асанж го напушти затворот во Велика Британија. Високиот суд во Лондон му одреди кауција откако основачот на „Викиликс“ се спогоди со властите на САД да се изјасни за виновен за едно дело, по што ќе може да се врати во родната Австралија. Судењето е закажано за утре…

По 1.901 ден поминат во лондонскиот затвор „Белмарш“, познат по високото ниво на безбедност, основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж со кауција, ја напушти установата и се согласи на договор со американските власти за да може да биде ослободен и да се врати во родната Австралија. Асанж ќе признае вина за едно кривично обвинение, за заговор за добивање и откривање доверливи документи, со што го прекршил американскиот закон за шпионажа.
„Без оглед на ставовите што луѓето ги имаат за Асанж и за неговите активности, случајот се одолговлекува предолго, нема што да се добие од продолжувањето на неговиот престој во затвор и сакаме тој да се врати дома во Австралија“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.
„Едноставно мораме да бидеме сè уште претпазливи, за тоа како се одвива оваа ситуација, бидејќи крајот не е дојден“, вели Барнаби Џојс, опозициски пратеник на Австралија.
52-годишниот основач на „Викиликс“ неделава ќе се појави пред федералниот суд на САД на Северните Маријански Острови, американска заедница во Западниот Пацифик. Според договорот, кој мора да биде одобрен од судијата, Асанж најверојатно ќе добие пет години, казна што веќе ја одлежа и нема да се соочи со нова затворска казна.
„Овој случај се однесува на дистрибуција и обелоденување од Викиликс на воени и дипломатски телеграми од армискиот војник Челзи Менинг во 2010 година. Тврдењето од Министерството за правда е дека Џулијан Асанж ефикасно и помогнал на Челзи Менинг да упадне во владиниот компјутер и побарал доверливи информации кои потоа биле објавени“, вели Ерик Такер, Асошиетед прес.
„Викиликс“ во 2010 година објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на САД во Авганистан и Ирак. Асанж беше уапсен истата година од властите во Лондон, но ослободен со кауција откако Шведска распиша меѓународна потерница по него, под обвинение за сексуален напад. Поради долгиот судски процес, побара азил во амбасадата на Еквадор во Лондон каде што престојуваше 7 години. Британската полиција го уапси одново во 2019 година. Според Вашингтон, Асанж го загрозил животот на американските агенти и нема оправдување за неговите криминални дела. Во САД, меѓу другото се товари со 18 обвиненија. Претходно, во кампањата за ослободување на Асанж се вклучи и Едвард Сноуден.
Маријана Димовска
