Анкета на ИПИС: Висока поддршка за премиерот Мицкоски
Граѓаните сметаат дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе биде подобра од претходната власт. Најголема доверба имаат во премиерот Христијан Мицкоски. Ова го покажува анкетата на институтот за политичко истражување...

Граѓаните сметаат дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе биде подобра од претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ, а премиерот Христијан Мицкоски има најголема доверба. Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена од ИПИС.
55,8 проценти одговориле дека очекуваат подобри резултати од новиот владин состав. 11,1 процент очекуваат дека ќе биде полоша, додека 21,9 насто сметаат дека ќе биде иста како претходната.
Резултатите покажуваат дека 33,2 проценти од граѓаните имаат позитивно мислење за новиот владин состав, а 20,8 насто донекаде позитивно мислење. Донекаде негативно мислење за владиниот состав имаат 8,9 проценти, а негативно се изјасниле 15,1 насто од анкетираните. Одговор немале 21,9 проценти од анкетираните лица.
Премиерот Христијан Мицкоски ужива најголема доверба кај граѓаните, покажуваат податоците од најновата анкета на ИПИС. Според одговорите, во Мицкоски најголема доверба имаат 27,8 проценти од анкетираните. А за другите политичари позитивно се изјасниле 10 проценти.
Доколку следната недела има парламентарни избори, победата, според анкетата, ќе ја однесе ВМРО-ДПМНЕ. Високи 28 проценти се изјасниле дека својот глас би го дале за владејачката партија. 10,1 насто од анкетираните би гласале за СДСМ, 8,9 проценти за коалицијата ДУИ, а 7,8 насто својот глас би го дале за коалицијата „Влен“.
На ова прашање не сакале да дадат одговор 15,5 насто од анкетираните, додека 13 проценти се изјасниле дека не би гласале за ниту една партија.
Инаку, анкетата е спроведена телефонски на примерок на 1089 полнолетни испитаници во периодот помеѓу 18 и 21 јуни годинава.
Игор Панов
