Куманово

Невремето со град уништи голем род во кумановско и кратовско

26.06.2024 14:38

Невремето проследено со град, деновиве уништи голем род во кумановско и кратовско. Штетите на житните и градинарските култури се големи. Зафатени се неколку село во североистокот...

Уништени површини со раноградинарски производи, неколку хектари пченица, сончоглед, бостан. Невремето проследено со град со големина на орев, кој интензивно паѓал триесетина минути, го уништи речиси сиот род на земјоделците. Зафатени се површини и во кумановско и во кратовско. 58-годишниот Живко од село Косматац со семејството веќе над 10 години активно се занимава со производство. Според проценките, уништени му се 12 хектари жито. Штетата е до еден милион денари. Се надева дека државата ќе има разбирање и ќе му помогне. Во спротивно ќе мора да продаде дел од добитокот, бидејќи нема да може да ги прехрани.

„За 30 минути 12 хектари „ги ожнеа“ целата површина. Со добиток работа, сега се утепа. Бостанот исто, сончоглед, сите култури. Вредноста е голема околу еден милион денари, 60 тони жито по 10 денари не мора повеќе да е, сончоглед исто хектар и пол, и тука има штета, имам бостан и таму голема штета, од тоа живееме со жената и децата-истакна Живко Тасевски“ вели жител на село Косматац, кумановско.

Живко посочува дека имотот не му бил пријавен бидејќи обработува и земјиште на блиски роднини. Штетата веќе ја пријавил во Општина Куманово.

Освен во село Косматац, штети по невремето има и во селата Војник, Стрезовце, Младо Нагоричане, Романовце, но и во Шопско рударе.

Од Центарот за управување со кризи потврдуваат дека добиле пријава за штети од кратовско. Од општина Куманово информираат дека голем број граѓани се информираат за постапката за пријавување штети. Но, досега не регистрираат поднесени барања. Доколку бројот на барања биде поголем, состанок ќе одржи комисијата за проценки на штети и ќе излезе на терен.

 

лена Георгиевска