Се санираат штетите по невремето во Тетово
Блокирани патишта, затнати канализации, вода навлезена во приватни куќи во дворови и подруми – градот под Шара, Тетово, вторпат неделава се бори со природата…

Поплавени подруми, дворови, куќи, како и паднати дрва и бандери, откачени лимови и олуци, но и оштетени автомобили. Ова е епилогот од синоќешното невреме кое прво го погоди Тетовскиот Регион, а потоа Скопско и Кумановско. Жителите реагираат дека се соочиле со катастрофа, поготово куќите кои се покрај улица.
„Се пријавуваат поплавени дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, оштетени куќи, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, оштетени автомобили и слично“, велат од ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи за МТВ велат дека веднаш реагирале. На бројот за итни случаи 112, граѓаните можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето. Напомош веднаш излегле и од Противпожарната бригада.
Блокирани патишта, поплавени куќи, паднати дрвја
По изобилните врнежи, надлежните велат дека сè уште има блокирани локални патишта во Полошкиот регион, а последно во низата проблем беше и патот кај тетовската касарна што беше преполн со вода.
Синоптичарите велат дека променливо време ќе се задржи деновиве, до кога се очекува нестабилно време со пороен дожд и грмежи.
Невремето направи еден куп проблеми и во повеќе градови од Македонија.
Борис Грујоски
