Белград

Терористички акт во Белград, нападнат жандарм кој обезбедувал израелска амбасада, напаѓачот е убиен

29.06.2024 17:29

Во Белград нападнат припадник на жандармеријата кој ја обезбедувал израелска амбасада, напаѓачот е убиен. Српскиот министер Дачиќ изјави дека станува за збор за терористички напад...

 

Денес на пладне во Белград, на Дедиње, со самострел нападнат е припадник на жандармеријата кој ја обезбедувал израелската амбасада, истиот бил погоден со стрела во вратот, но успеал во самоодбрана да употреби огнено оружје и да го убие напаѓачот.

Според министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, нападот пред израелската амбасада, во која во тоа време немало никого, е терористички акт.

„Несомнено се работи за терористички чин уперен против Србија и полицијата. Ние уапсивме неколку лица кои се наоѓаа покрај полициски објекти. Заедно со безбедносните служби гледаме да го поврземе целиот овој случај. Некои сомнежи веќе постојат, има индиции дека се работи за лица кои се веќе познати пред сè на безбедносните служби, а се работи за вахабистичкото движење“, изјави Ивица Дачиќ - министер за внатрешни работи на Србија.

Дачиќ изјави дека лицето кое го изврши терористичкиот напад пред израелската амбасада е Милош Жујовиќ (25), религиозно име Салахудин, преобратеник од Младеновац, кој живеел во Нови Пазар.

Напаѓачот повеќе пати се приближувал до полициската куќа за обезбедување за да праша нешто, а потоа ја отворил вратата и го застрелал со стрела во вратот припадникот на жандармеријата. Жандармот отворил оган во самоодбрана и го застрелал напаѓачот кој им подлегнал на раните.

Израелското Министерство за надворешни работи го окарактеризира денешниот напад врз припадник на Жандармеријата пред израелската амбасада во Белград како „обид за терористички напад“.

 

Оливер Бранковиќ