Светата Стефанида Битолско-Скадарска е новата светица на МПЦ-ОА
Светата Преподобномаченичка Стефанида-Битолско-Скадарска е новата светица на МПЦ – ОА. На Канонизацијата присуствуваа Поглаварот на СПЦ Патријархот г.г. Порфириј како и Поглаварот на МПЦ-ОА Архиепископот г.г Стефан, бројни владици и архијереи, свештенослужители од МПЦ-ОА, како и голем број високи црковни делегации од странство, монаштво и верен народ. Новата светица Стефанида е уште еден силен мост меѓу братскиот српски и македонски православен народ...

Светата Преподобномаченичка Стефанида-Битолско-Скадарска е новата светица во православието, откако заврши канонизацијата по објавувањето на одлуката на светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
Прославата за впишување на светата Стефанида во списокот на Светите почна вчера со вечерна богослужба во манастирската црква „Св. Јован Претеча“ во Слепче, од каде што денеска со литија светите мошти беа пречекани и пренесени во црковниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.
Светата преподобна маченичка Стефанида не увери дека се возможни подвизите и живот во Духот и тоа непосредно во наше време, без особени услови за тоа“, ќе изјави сестринството од манастирот во Слепче. Преподобната подвигот го почнала од својата 7 година во родното место Врака кај Скадар, а за духовната величина која ја поседувала дознаваме преку нејзините исповедни писма. Светите мошти на Стефанида биле откриени во 1998 година во Крстоарскиот манастир каде била погребана, кога од таму биле пренесени во слепченскиот манастир.
На канонизацијата присуствуваа Поглаварот на С П Ц Патријархот г.г. Порфириј како и Поглаварот на МПЦ-ОА Архиепископот г.г Стефан, бројни владици и архијереи, голем број високи црковни делегации од странство, монаштво и верен народ. Настанот претставува и завршница на работата на Сестринството од Манастирот Св. Јован Претеча во Слепче. Тие го објавија житието на Стефанида, книга со наслов „Јас освен Христа ништо немам“ што доживеа и издание на Српски јазик, создадоа икона, составија Акатист, но и Тропар.
Ружица Ѓоршевска
