Македонија

Секое трето дете во земјава се соочува со дебелина

07.07.2024 08:35

Алармантни податоци во истражувањето на УНИЦЕФ. Секое трето дете во земјава се соочува со дебелина. Потребни се итни мерки, заедничко дејствување, подобрување на политиките, како и подигнување на свеста и континуирана едукација на населението...

Дебелината кај децата глобална епидемија и голем предизвик за јавното здравје. Едно од три деца на возраст од 7 до 9 години во земјава се соочува со прекумерна тежина, покажа истражувањето на УНИЦЕФ.

Главните причини се зголемен внес на енергетски заситена храна богата со масти и шеќери, но и намален степен на физичка активност. Воедно, нездравата храна е многу подостапна во близина на училиштата.

„Статистиката покажува дека едно од три деца се соочува со дебелина во целиот регион, вклучувајќи ја и С. Македонија. Проблемот е тоа што децата не разбираат дека во подоцнежниот развој имаат ризици да се соочат со бројни болести, како дијабетес, висок крвен притисок, срцеви заболувања. Важно е здраво хранење од самото раѓање, доење и здрава храна за да растат здрави“, вели Карен Кортни, специјалист нутриционист од УНИЦЕФ.

Потребни се итни мерки, заедничко дејствување, подобрување на политиките, како и подигнување на свеста и континуирана едукација на населението.

„Секој од свој аспект треба да придонесе да видиме што е тоа што треба да се менува и во политиките и регулативите и во однесувањето, дури и во маркетингот, со цел да обезбедиме поголема свесност, но и пристапност кон здравата храна“, вели Вера Кундиќ-Миткоска, специјалист за образование во Уницеф.

Клучните пречки за подобра исхрана во земјава се високите цени на здравата храна, но и ниските даноци и интензивно рекламирање на нездравата храна.

 

Соња Рилковска