Бесплатниот превоз кумановци ги чини 900.000 евра
Бесплатниот градски превоз Куманово го чини 900.000 евра. Советот повторно го продолжи субвенционирањето. Граѓаните поделени со мислењата, повеќето сметаат дека мерката е популистичка и е на сметка на останатите инфраструктурни проекти...

За уште четири месеци е продолжено субвенционирањето на градскиот превоз во Куманово. До крајот на октомври кумановци ќе се возат бесплатно, а градот тоа ќе го чини 900.000 евра.
Одлуката која што ја предложи општината, доби зелено светло од Советот. Граѓаните со поделени мислења, додека едни ги користат автобусите, други сметаат дека парите треба да се вложат во инфраструктурни проекти. Укажуваат дека проектот е скап, и во интерес само на жителите од приградските населби. Посочуваат и дека општината би требало да формира претпријатие за вршење на дејноста.
Од општината пак информираат дека поволноста е поради големиот интерес од граѓаните за користење на бесплатниот превоз.
„Се очекува да произлезат повеќе бенефити како што е подобрување на семејниот буџет, намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје со што би се намалило и загадувањето на животната средина“, стои во образложението од Општина Куманово.
Бесплатниот градски превоз во Куманово започна на почетокот на 2023 година. Требаше да трае до крајот на јуни оваа година, а чини над 1 милион евра општински пари. Дополнителни 900.000 евра ќе бидат уплатени на сметките на превозниците годинава.
Елена Георгиевска
