Владина делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон
Премиерот Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон. Потврда на посветеноста за меѓународна соработка и регионална стабилност. Од Владата најавија повеќе состаноци со шефови на држави или влади. Се очекува и средба со грчкиот премиер Мицотакис, кој рече дека ќе го отвори и прашањето за почитување на Договорот од Преспа од македонската Влада...

Македонија е членка на НАТО, а ЕУ е сè уште само ветување и добра волја на хартија од европските политичари.
Улогата на НАТО во Македонија покажува дека алијансата сега е „поважна од кога било“, вели амбасадорот Нано Ружин во пресрет на самитот во Вашингтон, по повод 75-годишнината од формирањето на алијансата. Според него, членството во НАТО мора да се заслужи, а тоа Македонија го направи со исполнување на условите кои освен модерна одбрана, подразбираат и политичка стабилност во земјата. Токму затоа, Македонија мора да оди напред.
На Самитот македонската делегација ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни, за одбрана и за внатрешни, Муцунски, Мисајловски и Тошковски. Од Владата потврдија низа состаноци со шефови на држави или влади. Мицкоски ќе присуствува на состаноците на северноатлантскиот совет, како и на вечера во Белата куќа.
„Посетата на премиерот Мицкоски има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори“, стои во соопштението од Влада.
Потенцијалната средба меѓу Мицкоски и Мицотакис привлече значително внимание. Грчкиот премиер најави дека ќе го отвори прашањето за почитување на Договорот од Преспа од македонската Влада. Мицкоски рече дека тој се почитува и дека тоа е затворена тема.
Учеството на македонската делегација на Самитот на НАТО ја истакнува нашата посветеност за меѓународна соработка и регионална стабилност.
Согласно договорот од Преспа, Македонија го смени името по што стана 30-та членка на НАТО, но не и на Европската Унија како што ѝ беше ветено.
Борис Грујоски
