Симовски: Голем број иселени од државава
Директорот на статистика Симовски се сомнева дека бројот на иселени од државава е уште поголем од оној што го објави Заводот за ревизија, кој констатираше дека земјава годишно ја напуштаат по 2.500 високообразовани кадри. Сепак, нема точни податоци, зошто ретко кој го одјавува своето живеалиште. Симовски во интервју за Радио Слободна Европа со уште поалармантни податоци.

Околу 15 илјади граѓани годишно ја напуштаат државата, најголем дел од нив се млади меѓу 20 и 30 години – вели директорот на Државниот завод за статистика, Симовски во интервју за Радио Слободна Европа. Иселувањето е клучен демографски проблем, а државата триесет години нема податок кои се причините, ниту стратегија како да ги задржи младите во земјава.
„Нашите проценки се дека во овој момент некаде околу 15 илјади луѓе годишно се иселуваат од државата. Најголем дел од тие луѓе се млади на возраст меѓу 20 и 30 години, кои се со најмалку средно образование, а добар дел од нив се и со високо“, изјави Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.
Поради немање перспектива, граѓаните иднината ја гледаат надвор од дома. Иселувањето најчесто е во западноевропските земји.
„Кој може да живее со вакви мизерни плати“.
„Нема здравство, нема школство, недај боже да се судиш“.
„Двајца родители не можат едно дете да изнесат на пат, платите се мали, мора да бегаат за да го исчуваат“.
„Еве во ЈСП прават списоци за во Германија, ќе одат 50-60 возачи. И јас сум возач во ЈСП и јас ќе си одам оттука“.
„И оправдано заминуваат. Тука некој работи за 20-30 илјади, таму далеку просекот на платата е повисок“, изјавија анкетирани граѓани.
Иако нема точни бројки колку граѓани годишно ја напуштаат државата, трендовите се јасни, годишно заминуваат илјадници луѓе. Според проекциите на Државниот завод за статистика, доколку продолжи овој тренд, за помалку од 50 години во земјава би живееле околу 1,2 милиони граѓани.
Дома се иселуваме, се ретчиме и во странство. Според последниот попис во Албанија, таму живеат околу 2.300 Македонци, речиси двојно помалку од последниот попис спроведен пред 13 години. Симовски смета дека Бугарија вршела силни притисоци.
„Имаше многу интензивна, како да кажам, многу јака активност на бугарската држава да агитира, купува, дава можности за државјанство. За жал, од економски причини, а пред сè поради желбата да се оди надвор од државата и да се има пасош кој нема да прави проблеми, многу луѓе го прифатија тој предизвик. Меѓутоа, не можеме да ја обвиниме државата Албанија за тоа“, изјави апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.
Здруженијата на Македонци бараат пописот да се повтори, бидејќи не веруваат во податоците.
„Тука кај нас нема ниту еден Бугарин, сите сме Македонци. Ќе почнеме куќа по куќа, човек по човек бидејќи тука не се попишани сите Македонци, ги попишаа само тие што им одговараат“, изјави Панди Јани, претседател на Партија на слободата за мала Преспа.
На повиците да се повтори целата операција, директорот на Државниот завод за статистика вели дека тоа е можно, но постапката е многу скапа, а одлуката е на албанската влада.
Андријана Ѓурческа
