Активни пожари на 12 локации
Состојбата со пожарите во земјава сè уште не е под контрола. Активни пожари има на 12 локации. Најголема потреба за интервенција има во Општина Македонски Брод, каде се гаси и со хеликоптери од армијата, МВР, Србија и Црна Гора. Покрај пожарникари, од „Национални шуми“, дирекциите за спасување, доброволци за интервенции, активирани се и 300 припадници на Армијата ...

И покрај дождот, сè уште има 12 активни пожари во државава. Најалармантно засега е во Општина Македонски Брод, село Тажево кон Брезница. Гори борова шума-се интервенира од воздух.
300 припадници на армијата и два хеликоптера „МИ-17“ активно се вклучени при гаснењето на пожарите во тешко пристапни критични места.
„Нашите припадници од вториот и третиот пешадиски баталјон, како и од командата за обука и доктрини и од воздухопловниот Винг одговорно и пожртвувано се ангажираат во гаснењето на пожарите на сите локации согласно побарувањата од ЦУК и се во непосредна координација со сите други вклучени субјекти. Се ангажираат во гаснење на пожарите во Општина Чашка, во Општина Штип и во Македонски Брод. Додека со хеликоптерот дејствуваме од воздух во Општина Чашка, Гавроник, Мокрени“, изјави полковник Тони Јаневски-портпарол на Генералштабот.
Само армиските хеликоптери од воздух досега исфрлиле над 200 тони вода. Хеликоптерскиот Винг ги координира и летовите на хеликоптерите од МВР, Турција, Словенија, Србија и Црна Гора.
„Кога дојдовме пожари имаше насекаде. По нашето дејствување и на другите единици, како и колегите од Црна Гора и Македонија, пожарите се под контрола и сега се многу помалку“, изјави капетан Бранимир Новаќовиќ-Министерство за внатрешни работи на Србија.
Војниците се обучени за гаснење пожари и поседуваат основни средства за гаснење, но како и пожарникарите нивната ефикасност може повеќе да се зголеми ако имаат повеќе опрема и механизација за дејствување во пожари на отворено.
Ирина Гелевска
