Блиски Исток

Се усложнува безбедносната состојба на Блискиот Исток

21.07.2024 12:23

Се усложнува и така кревката безбедносна состојба на Блискиот Исток. Израелските воздушни сили го нападнаа јеменското пристаниште Ходеида на Црвено Море по бомбардирањата со дронови извршени од Хутите врз Тел Авив. Ходеида е порта на морето кое води кон Суецкиот канал, важен транспортен мореуз за Медитеранот и Европа. Јеменската група Хути, поврзана со Иран веќе половина година ги напаѓа бродовите поврзани со Израел.

Не нè потценувајте, ќе го браниме Израел со сите средства, и порача премиерот Нетањаху, како што ја нарече, оската на злите земји предводени од Иран. Тој ги потврди воздушните напади врз пристаништето Ходеида во Јемен, кое според премиерот е наменето за снабдување со оружје за Техеран.

„Од почетокот на војната бевме јасни дека ќе им возвратиме на сите кои сакаат да ни наштетат. Затоа донесов одлука за напад врз целите на Хутите во Јемен. Пристаништето Ходеида е наменето за снабдување на Иран со оружје против нас и сојузниците. Целите кои беа нападнати се 1.800 километри оддалечени од Израел. Ова е пораката против оската на злото предводена од Иран“, изјави Бењамин Нетањаху-премиер на Израел.

Брутална израелска агресија, беше одговорот на Хутите по нападот. Според воениот портпарол, Јемен со помош на Господ се подготвува за долга војна.

„Со господова помош, се подготвуваме за долга војна со непријателот сè додека агресијата не запре, опсадата на газа не е укината и додека злосторствата против палестинскиот народ не запрат исто така. ги повикуваме сите граѓани да се вклучат во активностите за поддршка на Палестинците за победа против Израел. Со Господ пред нас, ќе ги надминеме предизвиците“, изјави Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Тел Авив е решителен во одбраната на независноста и на интегритетот, се бориме веќе девет месеци со терористите во соседните земји и во Газа, и тоа ќе продолжиме да го правиме, соопштија од Кабинетот на израелската одбрана.

„Се бориме на повеќе фронтови веќе девет месеци. Со Хезболах во Либан, со Хамас во Газа. Со милитантите во Ирак и Сирија, како и со Иран од 13 април кога не нападна со дронови. Се бориме надвор од Израел за да ги запреме нападите внатре во земјата. Сепак, Хутите предводени од Техеран, го нападнаа Израел. Во елиминацијата на безбедносните закани против нас ни помага и американската главна команда“, изјави Даниел Хагари – портпарол на одбранбените сили на Израел.

Хутите најавија нов, ефикасен одговор. Во стратегискиот Аденски залив, американските и британските воени сили извршија повеќе напади врз проиранската групација заштитувајќи го транспортниот коридор во Црвено Море.

 

Зоран Богатинов