„Вреди“ тврди дека не бара паралелизам, Мицкоски вели дека МАНУ ја обединува научната мисла
„Вреди“ не се откажува од намерата за формирање посебна Академија на науките и уметностите на Албанците. Оттаму тврдат дека не предлагаат паралелност, но, забележуваат дека МАНУ е затворена за албанските интелектуалци. За премиерот Мицкоски нема дилеми, единствено МАНУ ја обединува научната мисла...

Најавата за формирање Академија на науките и уметностите на Албанците ги разбранува духовите во владината коалиција. Од „Вреди“ не се откажуваат – тврдат дека во МАНУ нема вработено ниту еден етнички Албанец и оти наводно, втората по голема етничка заедница била исклучена од оваа институција. Не сакаме паралелизми – велат од „Вреди“.
„Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ. Напротив, ние ја гледаме оваа иницијатива како можност за соработка и синергија помеѓу двете академии, промовирајќи размена на идеи и искуства, и придонесувајќи за напредокот на науката и уметноста на национално и меѓународно ниво“, изјави Фари Хисени, портпарол на „Вреди“.
За премиерот Мицкоски, работите се јасни – МАНУ е единствената институција што ја обединува научната мисла. За него, предлогот на „Вреди“ е политички фолклор.
Од МАНУ посочуваат – секаде во светот има само една Академија и членови на МАНУ се припадници на македонскиот народ и на сите етнички заедници.
Марија Котовска
