Пожари

Огнените јазици закана за село Ѓуѓанци, четири дена борба со огнената стихија

01.08.2024 18:36

Огнот му се закануваше на село Ѓуѓанци. Теренот е непристапен, од утринските часови се гаснеше и од воздух. На терен мештаните рамо до рамо со пожарникарите...

„При влез во селото најкритично беше, повеќе не е. Нискостеблеста шума гореше“, вели Борче Огненовски.

Огнот му се закануваше на село Ѓуѓанци. Гореше на 400 метри од патот. Локалните жители со трактори прават ораници за да спречат пожарот да се прошири. Теренот е непристапен, од утринските часови се гаснеше и од воздух.

Доброволци, пожарникари, припадници на армијата – четири дена се борат со огнената стихија. Иако огнот е под контрола, на места има жаришта кои во секој момент можат да се разгорат.

„Ќе останеме тука, денеска и утре за да можеме да видиме дали пак ќе се прошири огнот, сега за сега мислам дека е ставен под контрола“, рече жител на село Ѓуѓанци.

„Веќе се е изгорено, и шумата и полето, се изгоре. И околните села, имаше многу села зафатено, многу куќи имаше зафатено. Има огромна штета, 20 километри се е зафатено“, изјави Драган Кралев – жител на село Ѓуѓанци.

Жителите стравувале дека пожарот може да го зафати село Ѓуѓанци. Целото околина била во чад. На терен мештаните рамо до рамо со пожарникарите. Базенот со вода е сопрен, се троши само за основните потреби.

„Секој полни по потреба, базенот е 90 кубика, мора да биде полн за секој случај, ако има потреба да се интервенира“, вели Сашо Стошиќ – жител на село Ѓуѓанци.

Локалната власт во Свети Николе на готовс, секој се надева дека временските услови ќе помогнат да се смири огнената стихија.

„Се надевам дека нема да има ветер и дека конечно ќе го завршиме овој пожар, но останува моментот дека ветерот може да се раздува, изгореното повторно да го активира и да се запалат нови површини“, изјави Дејан Владев – градоначалник на Свети Николе.

Пожарот во светиниколско Ѓуѓанци го гаснеа стотина луѓе, на тешко пристапен терен гореше нискостеблеста шума. Иако е ставен под контрола, опасноста сè уште тлее.

Андријана Ѓурческа