Тетово

Дивите трки со возила низ Тетово, немир и нарушување на безбедноста на граѓаните

03.08.2024 11:35

Дивеење низ улиците и автопатите во полошко е вообичаена слика овој период од годината. Дивите трки со пролизгување на тркалата или популарно кажано чкрипење со гумите по главните булевари низ Тетово создаваат немир и нарушување на безбедноста кај граѓаните. Од полицијата велат дека се на терен и изрекуваат санкции …

Трки со возила, со брзи стартувања на автомобилите, чкрипење на гуми. Тетово особено во вечерните часови налик на Монте Карло.

Најчесто се групираат кон автопатот Тетово-Скопје и кон граничниот премин Јажинце.

Од Сообраќајната полиција, велат дека во овој период од годината кога се дојдени печалбарите дивите трки се честа појава.

Нивни екипи се постојано на терен, а во рамки на можностите преземаат мерки.

Категоријата диви трки не постои во Законот, но ризикот кој го носат во сообраќајот лежи на санкција одземање на возилото. За неколку недели се одземени триесетина возила под сомнение дека учествувале на овие трки.

Обично собирно место на ваквите трки се бензински пумпи, каде возилата се групираат и потоа дивеат низ автопатите, но и булеварите низ полошко. Голем дел од учесниците на дивите трки се возила со странски регистарски таблички.

 

Зоран Димовски