Шумскиот пожар во Охрид ставен под контрола
Во охридско шумскиот пожар е ставен под контрола со учество на тимови на Противпожарната единица од Охрид, Национално шумско стопанство, Националниот парк „Галичица“, јавните претпријатија и доброволци кои гаснат од пет часот наутро. Има неколку критични точки, меѓутоа доколку нема силен ветер се очекува пожарот целосно да се стави под контрола и да биде изгаснат …

Пожарот над селата Косел и Опеница претпладнево е ставен под контрола, но постои голема опасност тој повторно да се разгори поради високите температури.
Според зборовите на командирот на Територијалната противпожарна единица од Охрид, Борко Јанкулоски пожарот во Коселскиот дел е скоро 90 проценти изгаснат за што покрај луѓето на терен огромен придонес дале авионите ер-трактори кои вчера дејствуваа на најкритичните места. Сепак и покрај поставените заштитни ѕидови од луѓе околу пожарот постои опсност тој да се прошири поради ветерот и непристапниот терен.
„После завршување на поставување на појасот кај селото Косел се оди према она коешто е малце посериозен проблем, а тоа е селото Расино. Таму имавме утрово, во утринските часови бевме во комуникација со ЦУК за пуштање на хеликоптер, затоа што со авиони не е возможно да се изгасне тој дел од пожарот, меѓутоа не го добивме затоа што постоел многу поголем проблем во пределот Петровец-Зелениково во Скопје“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Во селото Косел затекнавме дел од лицата кои учествуваат во гаснењето на пожарот.
„Реагиравме од раните утрински часови. Околу 5 часот сабајлево беа екипите на терен, противпожарната единица е со 20 луѓе, Национални шуми со 15 луѓе, Нискоградба, Водовод, од јавните претпријатија во градот и доброволци од месното население. Моментално пожарот е тотално под контрола“, изјави Славчо Голабоски од ЈП „Национални шуми“.
„Излеговме на терен по добивањето заедно во координација со шумското претпријатие, пожарникарите и нашите ловци стигнаа да помогнат, да можеме поактивно да го изгаснеме пожарот“, истакна Зоран од Здружение на ловци „Охрид“.
Пожарот предизвика голема вознемиреност кај жителите од овој регион.
„Имам јас имот, лозје имам таму, имам ниви. Ожнеав ама не дека јас ожнеав треба сите да завршат работа. Ако долу слезе во поле тогаш што направивме, ништо не направивме“.
„Страв е сигурно, кој не се плаши и децата се плашат и сите. Ова што дојде вака не знам, да се палеле планиниве, од што се палат којзнае. Никогаш не било, јас 80 и кусур години сум ова досега не го имам видено“, велат анкетирани граѓани.
Според зборовите на лицата кои учествуваат во гаснењето на пожарот изгорени се огромни површини дабова и борова шума, со што е нанесена огромна штета на шумскиот фонд.
Сашо Нелоски
