Евакуација на руските државјани во пограничната област на руско-украинската граница кон Курск
Евакуација на руските државјани во пограничната област на руско-украинската граница кон Курск. Офанзивата на Киев на руска територија предизвика молневита реакција на Москва. Нападот е запрен, но Украина продолжува со користењето на жива сила, артилерија и дронови. Европската унија смета дека Киев има право да напаѓа и во Русија. Зеленски оцени-ова е адут повеќе за праведен мир. Според Медведев, руската специјална операција ќе се прошири на целата украинска територија...

По Запорожје во Украина, опасноста демнее врз уште една нуклеарна централа во регионот, овојпат на руска територија. Откако Киев секавично ја нападна областа на Курск, 60 километри источно од украинската граница, руските безбедносни сили ја зголемија заштитата на нуклеарката. Од новото воено жариште, руското население се евакуира кон внатрешноста на земјата.
„На периферијата на нашето село имаше борби“, изјави раселено лице Русија.
„Таму има многу деца, затоа ќе дојдат и претставници од образовниот систем. Исто и од здравството. Утре ќе се одржат здравствените прегледи“, изјави Лариса Дијаконова претставник на областа Ориол-Русија.
„Обезбедивме хигиенски средства, вода, генератори, сè што им е потребно на жителите во прифатните центри“, изјави Леонид Музалевски-секретар на областа Ориол.
Додека нападот за Путин е чиста провокација која е запрена, Зеленски смета дека со притисокот, Русија ќе ги прифати мировните услови. Ставот се поистоветува со официјален Брисел. Москва планира проширување на специјалната операција.
„Важно е уништувањето на непријателот. Колку посилен е притисокот врз Русија, на агресорот, толку поблиску сме до мирот. Праведен мир со праведна сила“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
„Украина има право да удри врз агресорот каде и да е тоа потребно на својата, но и на територијата на непријателот“, изјави Петер Стано портпарол на Европската комисија.
„Од овој момент, не е веќе операција за враќање на нашите територии и казнување на нацистите. Потребно е да се освојат територии и на Украина којашто сè уште постои. Да се оди на Одеса, Харков, Дњепропетровск, Миколаев. На Киев и натаму“, изјави Дмитри Медведев-заменик шеф на рускиот Совет за безбедност.
Војната навлезе подлабоко во третата година, се војува вкупно 895 дена.
Зоран Богатинов
