Руско - украински конфликт

Во Русија вклучена црвена тревога по масовните украински напади

09.08.2024 12:11

Паника во Русија. Вклучена црвена тревога по масовните украински напади со дронови во Липецк. Повредени се најмалку девет лица. Москва мора да ги почувствува последиците од нејзиниот напад врз Украина, изјави Зеленски. Путин нареди да се обезбеди сета помош за жителите од Курск каде што борбите продолжија.

Украинските сили напредуваат на руска територија. По Курск, напади во Липецк. Беспилотни летала погодија воена база во областа по што избувнал пожар. Повредени се најмалку девет лица, потврди гувернерот Артамонов посетувајќи ги повредените в болница.

„Липецк е изложен на масовен напад со беспилотни летала. Имаше детонација на опасно експлозивни предмети“, изјави Игор Артамонов, гувернер на руската област Липецк.

Четири села се евакуирани откако привремено била прогласена црвена тревога. Руската одбрана тврди дека собориле над 70 украински дронови над седум региони и Црното Море и уништиле седум бродови без екипаж кои се движеле кон Крим. Во Курск борбите продолжуваат. Руската војска тврди дека ги блокираат украинските сили да се провлечат подлабоко во регионот. Путин нареди да се обезбеди сета помош за жителите.

„Храброст и смиреност во решавањето на овие сложени, тешки, вонредни задачи. Одлуката за еднократна исплата на 10.000 рубљи на граѓаните на кои им е потребна е донесена и ќе бидат доделени потребните ресурси. Покрај тоа, ќе треба да се процени и друга штета. Ве молам да се направи тоа“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

„Непријателот со пешадија и оклопни возила се обиде да ја пробие нашата државна граница. Штабот веднаш се собра и Јас заедно со сите членови на штабот практично деноноќно ја координираме оваа работа. Ги евакуираме луѓето со автобуси и возови. Веќе го зголемивме бројот на кревети, пристигнаа дополнителни 60 висококвалификувани лекари“, информираше Алексеј Смирнов, в.д. гувернер на регионот Курск.

Зеленски пак, три дена по украинскиот упад во Курск, изјави дека Москва мора да ги почувствува последиците од нејзиниот напад врз Украина.

„Украинците знаат како да ги постигнат своите цели. А, постигнувањето на целите во војна не беше наш избор. Русија ја донесе војната во нашата земја и треба да почувствува што направи“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски • претседател на Украина

Русија соопшти дека најмалку 1.000 украински војници, поддржани од тенкови и оклопни возила, влегле во регионот Курск во вторникот наутро.

 

Бојана Крстевски