Здравство

Намалени резервите на крвни единици

13.08.2024 13:57

Состојбата со крвни единици е стабилна, но летниов период е забележано намалување на резервите. Потребите за крв се постојани, особено поради честите сообраќајни незгоди. За разлика од лани годинава за првите шест месеци потрошени се дури 2.200 единици повеќе…

Намалување на резервите на крвни единици регистрира центарот за трансфузиона медицина на ниво на државата. Од службата од Куманово смируваат состојбата со крв во речиси сите градови во државата е стабилна. Тие се во постојан контакт со надлежните од Скопје. Појаснуваат потребите за крв се постојано, но значајно поголеми во летниот период.

„Резервите се намалени поради одредени причини, како зголемен број на сообраќајни незгоди, помалку има крводарителски акции во училишта, факултети, тие се на одмор. Дополнителни првите шест месеци од 2023 и сега 2.200 единици се потрошени повеќе оваа година, што значи дека е зголемен бројот на пациенти“, информира д-р Дритон Билали од Служба за трансфузиологија Куманово.

Од службата посочуваат и дека голем број млади крводарители периодов се заминати на сезонска работа, па заради тоа е намален и бројот на дарувања.

Центарот за трансфузиона медицина во Куманово во моментов располага со 50-ина единици од сите крвни групи.

Дарувањето крв појаснуваат надлежните е значајно за функционирање на целиот здравствен систем. Апелираат граѓаните да ја покажат хуманоста и да даруваат. Тие можат да ги посетат службите низ градовите, или пак се приклучат во крводарителските акции. Возраста на крводарителите се препорачува да биде од 18 до 65 години. Трипати годишно би требало да даруваат жените, а на три месеци мажите.

 

Елена Георгиевска