Спречен меѓународен канал на нелегална трговија, запленети анаболични стероиди
Царинската управа спречи меѓународен канал со нелегална трговија на 192 килограми анаболични стероиди, чие производство и употреба е строго забрането. Вредноста на заплената е 5,5 милиони денари.има ли веќе кривична пријава.

Повеќе од 190 килограми стероиди штетни за здравјето на луѓето, заплени Царинската управа. Нивната вредност се проценува на пет и пол милиони денари. Целта била преку македонскиот аеродром, стероидите да стигнат и на други пазари. Од Царина велат, производителот е од Индија и има криминално минато. Сакал со лет од Сингапур – Истанбул и потоа преку Истанбул – Скопје да ги дистрибуира до Чешка.
„Истрагата поведена од страна на Царинската управа врз основа на сомнение, утврди дека податоците за чешката компанија се лажни, односно дека истата нема извршено нарачка на ваков вид производи. Согласно добиените докази поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство против сторителот“, изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Со оваа заплена од Царина, велат, спречен е меѓународен канал за нелегална трговија со анаболични стероиди, супстанца која претставува модерен тренд и предизвикува зависност. Министерот за спорт Ристовски со став, државата е против употребата на овие стероиди за постигнување добри резултати во спортот.
„Како министерство сакаме да промовираме чист спорт, чист спорт во секој сегмент на значењето на зборот. Ова е само еден мал сегмент. Мораме прво спортот да го исчистиме од вакви нелегални и недозволиви супстанци кои даваат лажен спортски резултат, а понатаму и во сите сегменти на значењето „спорт“ да направиме поубава слика, поздраво општество“, изјави министерот за спорт, Борко Ристовски.
Светската антидопинг агенција овие стереоиди ги има ставено на листата на забранети супстанци. Овозможуваат поголема издржливост на спортистите и поголема мускулна маса. Најчесто се користат во бодибилдингот.
Андријана Ѓурческа
