Владата останува на ставот за коренити реформи во судството
„Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители“ – изјави премиерот Мицкоски по средбата со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Вели дека отворени се за идеи, кои ако се подобри од оние во владината програма, би ги примениле…

Владата останува на ставот за потребата од коренити реформи во правосудството и за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. Отворена е за идеи, кои доколку се подобри од владината програма би ги примениле. Став на премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Средбата следи по бројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба и отворениот повик на Владата за предлози за реформи во Судскиот совет.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева рече дека дала конструктивни предлози за враќање на довербата на судството. Не даде одговор кои се тие предлози. Според неа, на тие прашања ќе одговара кога ќе биде во Судскиот совет.
Од Владата велат дека потребни се коренити промени во судството, бидејќи според сите мерења на јавното мислење, довербата на граѓаните во правосудните органи е катастрофално ниско. Ако немаме правна држава и владеење на правото, ако немаме обвинители и судии коишто обвинуваат по закон и Устав, тогаш ќе немаме ниту економска безбедност, а без неа, ниту економска активност, ќе нема буџетот приходи онолку колку што се потребни за да имаме развој, а ако немаме развој ќе нема среќни граѓани.
Александра Спировска
