Скандал „Бисера-Антоанета“

Обвинувања за трошење народни пари

26.08.2024 12:38

Двегодишниот мандат како министерка за култура, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го извалка со лаги. Сите трошења за лични потреби биле реализирани исклучиво од приватна сметка, одговори екс-министерката Костадиновска-Стојчевска на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија и денеска со детали од како што го нарекуваат скандалот „Бисера-Антоанета“. Презентираа сметки кои поранешната министерка ги доставила до сметководството за да ги правда потрошените народни пари за лични потреби…

„Двегодишниот мандат како министерка за култура, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го извалка со лаги. Вистината е дека дел од трошоците кои ги презентираа се однесуваат на нужност да обезбедам основни услови за мое нормално функционирање на службено патување после лет на кој авиокомпанијата ми го изгуби багажот“, објаснува Костадиновска-Стојчевска. Потврди дека купила нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување, за како што вели, да може да патува и да учествува на планираните состаноци во Лондон. Додава дека сè друго е тешка манипулација и целосна невистина и дека сите трошења за лични потреби биле реализирани исклучиво од нејзината приватна сметка.

Го повика пратеникот Лефков со копија од нејзината службена картичка да ги прегледаат, трошок по трошок, на кој било медиум.

Поранешната министерка до сметководството во култура ги доставила и сметките кои ги покрила со народни пари, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Со пари од буџетот купувала лична облека, куфери, играчки и потрошила нешто над 700 фунти, иако нејзиниот службен лимит е до 60 евра.

Од владејачката партија најавија дека и во наредните денови ќе продолжат со детали, од како што го нарекоа скандалот „Бисера-Антоанета“. Премиерот Мицкоски најави дека од септември Обвинителството ќе има полни раце работа, за како што рече, направените криминали од функционери на СДСМ и на ДУИ.

Милчо Велески