Македонија одбележува 114 години од раѓањето на Мајка Тереза
Денеска се одбележуваат 114 години од раѓањето на Мајка Тереза. Денот ќе биде одбележан со низа свечености во нејзина чест и тоа токму на местото каде во 1910 година била родена во куќата која некогаш се наоѓала на денешниот скопски плоштад.

114 години од раѓањето на најхуманата Македонка, светицата и нобеловка, Гонџа Агнес Бојаџиу. Мајка Тереза не познаваше граници, ниту разлики. Обединуваше различни култури, луѓе и народи. Таа и денес е најдобриот мост на поврзување во родното место, нишка која ги поврзува сите кои живееле и живеат на овие простори, пример кога срцето полно со љубов е подготвено за големи подвизи и победа над сите предрасуди и препреки.
Македонија се гордее со христијанската мисија и подвигот на најголемата хуманитарка. Да им се помогне на оние кои се во неволја, на жените и на децата, на најнезаштитените. Нејзината мисија е универзална и безвременска.
Папата ја канонизирше Мајка Тереза на 4-ти септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации 1.500 бездомни лица од цела Италија.
Во 1979 година Гонџа Бојаџиу ја доби Нобеловата награда за мир за широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет.
Таа почина во Калкута на 5-ти септември 1997 година.
Александра Спировска
