Мисајловски на Одбележувањето на 25 – годишнината на SEEBRIG
Денеска во касарната „Боро Менков“ во Куманово се одржа свеченост по повод одбележување на 25 – годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, еден од најзначајните проекти на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа – SEDM...

Денеска во касарната „Боро Менков“ во Куманово се одржа свеченост по повод одбележување на 25 – годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, еден од најзначајните проекти на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа – SEDM.
На свеченоста се обрати министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој изрази благодарност до Командантот SEEBRIG и до сите поранешни команданти, цивилни и воени лица, за континуираната посветеност и придонес кон исполнување на мисијата на Бригадата.
„Работејќи за SEEBRIG и истовремено служејќи на вашите земји и на нашите граѓани вие само ја потврдивте посветеноста на сите земји членки кон Иницијативата која донесе соработка, донесе дијалог и овозможи создавање на средина во која владее меѓусебна солидарност и поддршка меѓу државите“ и додаде: „Како земја домаќин на SEEBRIG ни претставува задоволство што четири години припадниците на нашите армии заедно работат и придонесуваат за успешна работа на Командата во Куманово“.
Министерот истакна дека имајќи ја предвид актуелната геополитичка состојба во Европа, загрозената безбедност, бројните форми на хибридни закани, лажни вести, дезинформации, како и научените лекции од минатото соочувајќи се со КОВИД кризата и природните катастрофи, потребно е да продолжиме да ги јакнеме одбранбени капацитети, одбранбената билатерална и регионална соработка и дека како држава остануваме фокусирани кон исполнување на втората стратешка цел, полноправно членство во Европската Унија.
„25 годишнината не е само време за оддавање почит и славење на успесите, туку и можност за пристапување со подготвеност и решителност кон сите предизвици“, потенцира Мисајловски.
„Прославувајќи ја својата 25-годишнина, напредокот на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, оперативниот столб на SEDM, е конкретен доказ за посветеноста на земјите членки на SEDM. Со придонес кон регионалната стабилност и консолидирање на соработката во спроведувањето на операциите за поддршка на мирот, хуманитарната помош и помош при катастрофи, SEEBRIG може да послужи како доказ дека преку соработка на земјите од Југоисточна Европа и пошироко може да се дојде до резултати“, истакна Претседавачот со Секретаријатот на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа – SEDM, Симона Којоцару.
Командантот на Бригадата, бригаден генерал Билбил Битри во своето обраќање пред присутните рече: „Од своето основање, SEEBRIG стана симбол на единство, обединувајќи професионални војски од земји со различно потекло, култури и истории, но сите обединети со заеднички споделени вредности и заедничка цел: промовирање на воената соработка, гарантирање на сигурноста и безбедноста на нашите народи и придонесување кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко“.
Командантот Битри додаде дека брзите промени се предизвик и наложуваат да продолжиме да се прилагодуваме и трансформираме со цел да успееме.
На денешната свеченост присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски, заменици министри за одбрана на Албанија, Бугарија и Романија, генерали од земјите членки на SEEBRIG, од воено дипломатскиот кор и други високи гости.
