Почнува судењето за двојното убиство
Почнува судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Првообвинет е Љупчо Палевски, уште четворица за соучесништво и помагање…

Во Кривичниот суд почнува судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Обвинителството најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на Ѓорчевска и Жежовски.
Кривичниот суд ги одобри во целост обвиненијата и на барање на Обвинителството денес ќе одлучува за спојување во една постапка во која покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело, против кого постапката ќе се води одвоено.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27-ми и 24-ти ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3-ти декември минатата година.
Анита Димитријевска-Велковска известува од Кривичниот суд
