СДСМ: Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите
Цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, основните производи за прехрана Владата не ги контролира и животот станува се поскап, соопштуваат од СДСМ.

Економските политики на оваа Влада ја носат државата кон сиромаштија додека стандардот на граѓаните почнува забрзано да се влошува. Цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, основните производи за прехрана Владата не ги контролира и животот станува се поскап, соопштуваат од СДСМ.
За еден месец, за 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на граѓаните во август во споредба со јули. Граѓаните се жалат на се поскапиот живот а Мицкоски само „апелира“ до бизнисменните да ги намалат цените. Кога беа во опозицијата беа гласни и ги критикуваа мерките на СДСМ со кои го штитевме стандардот на граѓаните, ги намалувавме цените и се боревме секојдневно со инфлацијата. Денес, во удобните фотелји во Владата мува не ги лази и целосно заборавија на народот, изјави Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.
Дополнително, велат од СДСМ, додека потрошувачката кошничка расте, власта на Мицкоски ги скрати парите со ребалансот и владата не дава пари за поголема минимална плата. Не дава пари ниту за зголемување на платите во образованието но и во сите други сектори. Работниците се маргинализирани и заборавени, соочени со високи цени и замрзнати плати. Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите.
СДСМ бара Владата на Мицкоски да ги напушти погрешните економските политики и итно да изготви сет на мерки. Итно да ја ревидира сопствената економска политика која забрзано ги носи граѓаните кон сиромаштија.
