Протести против „Монструм“

Државниот врв порача: Насилството нема да се толерира

10.07.2014 17:23

Осуди за насилствата кои се прават на протестите од државниот врв, од високиот претставник на Европската унија, косовската влада, рејсот на ИВЗ. Повикаа на разумност.

Протести се дозволени секаде, но насилството никаде ниту се дозволува ниту се толерира, вели претседателот Ѓорге Иванов. Во државата има институции кои функционираат и се справуват со предизвиците. Актот со  палењето на знамето е лоша слика за Косово.   

„Надлежните институции преземаат се за да спречат насилство. Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Секој кој се сомнева во било која активност или дејствие на некоја институција може тоа по регуларно пропишан пат да го оствари,“ рече Иванов.

Премиерот Груевски апелира до сите граѓани кои планираат да излезат на протести тоа да го направат на демократски начин. Повика на смиреност, но вели нема да се толерираат насилни протести.

„Се, од што ќе произлезе било каков акт на насилство, независно дали тоа е врз полицијата, или врз институции, граѓани, нема да биде толерирано, како што и во ниедна држава во светот не се толерираат такви чекори“, вели Груевски.

И Демократската Унија за Интеграција ги повикува сите граѓани да бидат мирни и да се воздржат од акти на насилство. Ги повикува надлежните институции да се справат со овој судски случај почитувајќи целосно сите меѓународните стандарди.

Република Македонија не смее да биде заложник на било каков верски радикализам. Не смееме да дозволиме добрите меѓуетнички и меѓуверски односи да бидат разнишани со обиди на верски радикални елементи однадвор, кои не и сакаат добро на земјава, се вели во писменото соопштение на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Не треба да се дава поддршка на радикални структури кои прават нереди. Со повиците за ненасилство радикалните елементи се маргинализираат и им се стеснува просторот за дејствување.

Поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема Сулејман Реџепи остро ги осуди манипулациите кои се појавиле на протестите. Во изјава за албански весник вели ,,Јас лично повеќе би ги мавал лицата што манипулираат со протестите отколку да го изразувам гневот кон полицијата“.

„На протестите во Скопје имаше премногу хорор. Видовме странски знамиња со арапски текстови, кои не и припаѓаат на нашата нација, нашата држава, па дури и на нашата вера. Тоа беа знамиња на обични манипулатори. Таквите лица, без сомнение, се вклучени со цел да се девалвира национален или верски протест“, вели Реис Реџепи.

Човечкиот живот е најважен, а грижата за личната и колективна безбедност се битни при организирање на настани од јавен карактер, велат од Македонскиот центар за култура и развој . 

Осуда за протестите кои следеа по пресудата за случајот „Монструм“ и од претседателот на СДСМ Зоран Заев.

„Насилството не е решение за ниту еден проблем“, вели Заев.

МВР продолжува со идентификување на насилниците во протестите. Кривични пријави заработија 10 учесници во  протестот од неделата во Тетово, кога беа  повредени 6 полициски службеници и тројца  граѓани. Двајца од пријавените кои физички нападнале полицајци и им нанеле  телесни повреда се товарат за  кривични дела , “напад на службено лице при вршење работи на безбедност“ и “учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“. Делото за кое ќе одговараат ги очекува казна затвор од  три месеци до 3 години ,а за организаторите и до 5 години. МВР ги следи и социјалните мрежи.

„Ние не правиме разлика кој е оној кој ги постира сликите или повиците со содржина која повикува на нетрпеливост, на насилство и агресија. Секој кој што ќе го прекрши законот или ќе се однесва на начин кој не е во согласност со прописите, ќе биде санкциониран“, рече Јанкулоска.

МВР досега идентификуваше  голем дел од најекстремните и најагресивните насилници кои минатиот петок дивееја во центарот на Скопје.Повредија 30 полициски службеници и демолираа згради на државни институции. МВР ги повикува  граѓаните доколку  препознаат некого од хулиганите,  да го пријави  на телефонскиот број 192 или во најблиската полициска станица.Тоа може да го сорат и анонимно. Од МВР со апел , граѓаните да не дозволат да бидат вовлекувани во ничии сценарија, ниту во какви било насилни инциденти, бидејќи ќе бидат преземани најригорозни мерки и нема да се толерира нарушување на мирот и безбедноста.

Наташа Јанчиќ