Груевски: Насилството не се толерира, апелирам за разумно однесување на граѓаните
10.07.2014 21:32
Во интервју за МРТ2, премиерот Никола Груевски апелираше граѓаните да не потпаѓаат на дневни манипулации и внимателно да ги следат настаните поврзани со случајот „Монструм“...
Гостин во централниот дневник на МРТ2 беше премиерот Никола Груевски. Тема на разговор беа актуелните протести против пресудата во случајот „Монструм“ и контрапротестите од друга страна.
Прашан дали Владата има контрола над ситуацијата, премиерот Груевски рече дека протестите се демократска придобивка и тие нормални во секоја демократска земја.
„Нема земја во која има демократија, а нема протести. Меѓутоа, протести во кои има насилство, се напаѓаат институции, се напаѓаат луѓе, се закануваат животите на луѓето, на полицијата или на било кој друг, такво нешто не се поддржува никаде во светот“, рече премиерот Груевски.
Груевски апелираше граѓаните да не потпаѓаат на дневни манипулации и внимателно да ги следат настаните поврзани со случајот „Монструм“.
„Апелирам до граѓаните коишто не се дел од оваа помала група на верски фанатици и радикали под влијание на други подалечни држави и со други цели, ним им апелирам внимателно да го следат процесот, да не потпаѓаат под дневни манипулации на одредени портали или поединечни новинари или медиуми. Некогаш и тие се заведени, некогаш се и дезинформирани“, рече Груевски.
Треба многу внимателно секој да проценува пред да донесе заклучок, посочи премиерот, изразувајќи убедување дека времето ќе докаже кој бил во право.
„Убеден сум дека времето ќе докаже кој е во право дали е судот во право или групата насилници коишто се обидоа и повредија многу полицајци. Меѓу повредените полицајци имаше и многу Албанци“, рече премиерот Груевски.
