Цени

Разуздани цените на производите, Владата со анализи за нивно замрзнување

10.09.2024 14:45

Инфлацијата во август во однос на јули годинава изнесува 0,5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. Цените на мало во август во однос на јули годинава се зголемени за 0,5 проценти. Трошоците на животот во август годинава, во однос на август минатата година, бележат зголемување од 2,2 проценти, а цените на мало од 3 проценти. Владата сè уште прави анализи и проверува колку трговците се однесуваат одговорно, потрошувачката кошница секој месец расте.

Владата крои план за ограничување на цените на храната. Се прават анализи, во очекување на Законот за нефер трговски практики. Граѓаните бараат да се зауздат цените на производите оти, како што велат, едвај издржуваат со ниските примања.

Економистите велат дека државата мора да направи напори и еднаш засекогаш да стави ред во ценовната политика. Според професорот Јован Пејковски, трговците што заработуваат екстра нема лесно да се откажат од големиот ќар и затоа мора веднаш да се интервенира.

Дел од трговците се огласија дека е краток периодот за да се приспособат на Законот со кој треба да се намалат профитните маржи на над 2.500 производи на максимум 10%.

Претходните години во неколку наврати беа „замрзнувани“ цените на основните производи, а беше ограничувана и маржата.

 

Борис Грујоски