Штипските земјоделци задоволни од Законот за забрана на нефер трговски практики
Дали Законот за забрана на нефер трговски практики ќе стави крај на високите цени на храната и ќе го запре богатењето на откупувачите и трговците на сметка на производителите на храна и граѓаните? Земјоделците се задоволни од законот и очекуваат тој да резултира и со пореални откупни цени на нивното производство.

Земјоделците го поддржуваат Законот за забрана на нефер трговски практики. Велат, со години апелираме да запре богатењето на откупувачите и трговците на грбот на производителите и на купувачите. Високата цена на ајварската пиперка е најсвеж пример за тоа како се богатат откупувачите. Според претседателот на Националната земјоделска мрежа, откупната цена на пиперките во Пелагонискиот регион изнесува 20 денари, а на пазарите се продава трипати поскапа
И оризопроизводителите со години реагираат на високите маржи што откупувачите и трговците ги ставаат на оризот. Моментално, откуп на оризова арпа нема, а последните цени по кои се откупуваше беа околу 30 денари за килограм, што е за пет денари помалку од производната цена.
Законот става забрана за 26 нефер трговски практики. Казните се до 20 илјади евра, а рабатот за околу 2.500 продукти, меѓу кои се зеленчукот и оризот е ограничен на 10 проценти.
Славица Величковска
