Руско - украински конфликт

Бајден и Стармер ја потврдија поддршката за Киев, но не дадоа „зелено светло“ за оружјето со долг дострел

14.09.2024 12:00

Одложена одлуката Украина да го користи оружјето со долг дострел од западните сојузници за напади на руска територија. Иако, на средбата меѓу американскиот претседател Бајден и британскиот премиер Стармер во Белата куќа беше потврдена силната поддршка за Киев, ваквото барање на украинскиот претседател Зеленски не беше разгледувано. На фронтот борбите продолжуваат.

Одложена одлуката Украина да го користи оружјето со долг дострел од западните сојузници за напади на руска територија. Иако, на средбата меѓу американскиот претседател Бајден и британскиот премиер Стармер во Белата куќа беше потврдена силната поддршка за Киев, ваквото барање на украинскиот претседател Зеленски не беше разгледувано. Бајден ја отфрли заканата од рускиот претседател Путин за вовлекување на НАТО-земјите во војна со Русија доколку се одобри употребата на оружјето. Американскиот претседател истакна дека Путин нема да победи во војната со Украина.

„Сакам да ви се заблагодарам за раководството на Обединетото кралство на фронт во Украина. Јасно е дека Путин нема да победи во оваа војна“, рече американскиот претседател, Џо Бајден.

„Дискутиравме за состојбата со Украина обединети, и не само со нашите сојузници овде во САД, туку и со сојузниците во НАТО. Ова беше за да си дадеме повеќе простор за стратешка дискусија и носење тактички одлуки за поширока стратегија“, изјави Британскиот премиер, Кир Стармер.

Состанокот меѓу Бајден и Стармер доаѓа неколку дена по објавата на британски „Гардијан“ дека Вашингтон и Лондон донеле одлука зад затворен врати за делумно користење на ракетите „олуја сенка“ од британско производство за напади длабоко на руска територија. Ова предизвика бурна реакција од рускиот претседател Путин. Го предупреди Западот дека таквиот потег ќе значи директно вклучување на НАТО во војната и се закани со соодветен одговор. Предупредувањата пренесени и во Советот за безбедност од рускиот амбасадор во Обединетите нации.

„Ако навистина се донесе одлуката за укинување на ограничувањата, тоа ќе значи дека од тој момент земјите на НАТО водат директна војна со Русија. Во овој случај, ќе мораме да ги преземеме релевантните одлуки со сите последици во врска со ова“, изјави Василиј Небензја, постојан претставник на Руска Федерација во Обединетите нации.

На фронтот борбите продолжуваат. Руските сили извршија серија напади со беспилотни летала врз градови на црноморското крајбрежје. Силни експлозии се слушнале и во Одеса.

 

Маја Стојанова