Собрание

Зелено светло за унгарскиот заем тежок половина милијарда евра

17.09.2024 14:50

Собранието даде зелено светло за унгарскиот заем, тежок половина милијарда евра. Мнозинството пратеници смета дека ова ќе значи финансиска инјекција за стопанството. Опозицијата критикува за нетранспарентност…

Пратениците дадоа зелено светло за унгарскиот заем. Предлог-законот за задолжувањето од половина милијарда евра преку експорт-импорт банката доби поддршка од 65 пратеници. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти-образложи власта.

Главната забелешка на Социјалдемократите е што законот се донесе во скратена постапка. Опозиционерите ја обвинија власта за нетранспарентност и за економско предавство, бидејќи според нив, нема критериуми, ниту механизми за распределба на парите. За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, овие забелешки се неаргументирани. Законско решение ќе обезбеди средства што ќе се наменат за стопанството и за општините.

Законот во собраниска процедура се најде минатата недела, а стана дел од дневниот ред на 14-та седница на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Марина Стојанова-Тонева