АХВ

Ќе се врши повторна дезинфекција во мензата во Воената академија

17.09.2024 16:28

Агенцијата за храна и ветеринарство, од Центарот за јавно здравје, ги доби резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисовите од кујната каде се подготвувала храна која се послужувала во мензата на Воена Академија касарна Гоце Делчев – Аеродром Скопје...

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од Центарот за јавно здравје, ги доби резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисовите од кујната каде се подготвувала храна која се послужувала во мензата на Воена Академија касарна Гоце Делчев – Аеродром Скопје, од каде деновиве беше пријавен сомнеж за труење со храна. Кај испитаните мостри храна (филета ослич, тартар сос, компир, индијанка, домат, свинско печено месо, динстан ориз и динстана зелка), не се утврдени отстапувања во однос на безбедносните критериуми.

Кај еден брис, од земени два од работна маса, по спроведената микробиолошка анализа, утврдено е дека брисот не ги задоволува хигиенските стандарди, односно, утврдено е присуство на аеробни мезофилни бактерии. Лабораториски тестирани се и земени два бриса од раце и по еден брис од машина за сечење зеленчук, пластична корпа за измиен зеленчук.

Инспекциските служби на АХВ изрекоа мерка за спроведување на повторна дезинфекција, а земени ќе бидат и нови контролни брисови.

Изречената мерка по спроведениот вонреден инспекциски надзор за времено затворање на кујната, ќе остане на сила сè додека со новите лабораториски тестирања не се потврди нејзината безбедност.