БЛИСКИ ИСТОК

Израелската одбрана тврди дека го убиле лидерот на Хамас, Јахја Синвар

18.10.2024 08:02

Тел Авив тврди дека го убиле лидерот на Хамас, Јахја Синвар. Од милитантната група сè уште нема потврда. Сојузниците на Израел се надеваат дека ова ќе биде чекор напред во постигнување мир, додека пак дел од арапските земји сметаат оти ова може да ја радикализира состојбата.

За време на операциите на израелската одбрана во Појасот Газа елиминиран Јахја Синвар, највлијателниот лидер на Хамас под чие водство милитантна група ги зајакна сојузите со Иран и Хезболах. Се смета дека Синвар е главен организатор на нападот врз Израел на 7-ми октомври, а по смртта на Исмаил Ханије го презеде водството на военото и политичкото крило на Хамас. Од израелската одбрана велат дека нема да застанат сè додека не бидат фатени сите коишто биле вклучени во нападите пред една година.

„Во изминатата година, Синвар се обиде да избега од правдата. Тој не успеа. Рековме дека ќе го најдеме, и тоа го сторивме“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

„Ова беше израелска операција, а американските сили не беа директно вклучени“, изјави генерал-мајор Патрик С. Рајдер, портпарол на Пентагон.

Сојузниците Вашингтон и Тел Авив се надеваат дека смртта на Синвар, ќе ја отвори вратата за нова рунда преговори и прекин на огнот во Појасот Газа.

„Добар ден за светот. Му се јавив на Биби Нетанјаху да му честитам што го доби Синвар. Сега е време да продолжиме понатаму кон прекин на огнот во Газа. За целиот свет време е да заврши оваа војна и да ги донесеме заложниците дома“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„Владеењето на теророт што иранскиот режим го наметна врз сопствениот народ и врз народот на Ирак, Сирија, Либан и Јемен, исто така ќе заврши. Сите оние кои бараат иднина и мир на Блискиот Исток треба да се обединат за да изградат подобра иднина“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

И додека офанзивата продолжува во Газа и во Либан, се стравува дека раководството на Хамас би можеле да го преземат уште порадикални претставници, а конфликтот ќе се прошири и на останатите делови од Блискиот Исток.

„Нема причина повеќе да ја продолжат војната. Кога ја слушнавме веста за Синвар, точно е дека бевме тажни за него, но во исто време бевме среќни што војната може да заврши“, изјави раселен Палестинец.

„По лидерот ќе дојдат илјада лидери. И по човекот ќе дојдат илјада луѓе“, вели друг Палестинец.

„Неговиот крај е чесен и неговата смрт нема да ја запре војната“, додаде друг раселен Палестинец.

Во меѓувреме, Русија го предупреди Израел да не помислува да ги нападне иранските нуклеарни објекти како одговор на ракетениот напад на први октомври. Москва ги зајакна врските со Техеран од почетокот на војната во Украина.

 

Маријана Димовска