Москва ги отфрли обвинувањата за мешање во изборите во Грузија
По парламентарните избори, врие на политичката сцена во Грузија. Опозицијата не ги призна изборните резултати во кои победата ја однесе владејачката „Грузиски сон. Повика на протести и обвини за руско мешање во изборите. Москва негира вмешаност во изборите…

Руска специјална операција – вака претседателката на Грузија, Саломе Зурабичвили го оквалификува изборниот резултат на парламентарните избори во кои победи проруската владејачка партија „Грузиски сон“. Тврди дека власта била рака под рака со Русија. Ги повика граѓаните масовно да излезат на протести за одбрана на европската иднина на земјата, а од Западот побара поддршка.
„Владејачката партија користела руски форми, руски методи и најверојатно некој вид руско планирање за оваа навистина специјална операција. Никој не го очекуваше ова, беше многу добро организирана, многу софистициран тип на измама што вклучуваше секакви форми, неправилности, заплашувања, притисоци врз луѓето“, изјави Саломе Зурабишвили, претседателка на Грузија.
Москва негира вмешаност. Повиците на претседателката Зурабишвили за протести по изборите, ги нарече обид за дестабилизација на земјата.
„Силно ги отфрламе таквите наводи. Тие се неосновани. Со голо око можат да се видат обидите за мешање, но не од Русија. Многу сили од европските земји и разни европски институции се обидоа и никој не го криеше тоа. За разлика од нив, ние не се мешаме во внатрешните работи на Грузија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
И додека САД и ЕУ повикуваат на опсежна истрага, откако набљудувачите на ОБСЕ излегоа со богат извештај во кои се нотирани многубројни изборни нерегуларности, унгарскиот претседател Виктор Орбан задоволен од победата на владејачката „Грузиски сон“. Орбан оди во дводневна посета на Тбилиси на средба со Иракли Кобахидзе. Од Брисел велат тој нема мандат да ја претставува Европската унија.
Маја Стојанова
