ЈСП

Продолжува хаосот во јавниот превоз

31.10.2024 15:45

Автобусите доцнат, граѓаните чекаат речиси по еден час. Револтирани се дека сè уште не може да се среди хаосот со градскиот превоз. Иницијативата за зголемување на цената по изминат километар кај приватните превозни, денеска повлечена од седницата на Советот на Град Скопје…

Скопјани на шега велат, среќни сте ако автобус чекате половина час. Се доцни на работа, на училиште, на преглед.

Според Државниот ревизор, ЈСП на приватните превозници им должи над 93 милиони денари. Поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет.

Иницијативата за зголемување на цената по изминат километар кај приватните превозни, денеска беше повлечена од седницата на Советот на Град Скопје, ќе се најде на дневен ред на некоја друга седница, откако ќе бидат собрани дополнителни податоци.

ЈСП за секој извозен километар прави трошок од два денара, а приход од еден денар, претпријатието тоне во долгови. Советниците во Град Скопје велат, има решение за превозот во главниот град. Но, година и пол проблемот сите го гледаат, а никој не го решава.

Субвенциите од речиси 11 милиони евра што му ги додели градот на претпријатието не се доволни за одржливост и за развој на јавниот градски превоз, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

 

Наташа Јанчиќ Менковски